Skip to main content

Семејството и здравјето - Family and health

Новороденчиња 

Возење на вашето бебе во кола

Вашето бебе мора да биде сместено во специјално седиште (капсула) кога се вози во кола. Добра идеја е да изнајмите такво седиште пред да одите во болницата за да го имате во колата кога ќе бидете подготвени да го однесете вашето новороденче дома. За натамошни информации во врска со изнајмувањето на седишта за бебиња и на детски седишта јавете се во Vic Roads на 1300 360 745.

Помош околу вашето новороденче

Службата за здравјето на мајките и децата (Maternal and Child Нealth Service) дава бесплатна помош и информации кога имате ново бебе. Медицинска сестра ќе ве посети еднаш дома по раѓањето на вашето бебе за да провери дека и бебето и мајката се со добро здравје. Потоа вие редовно ќе одите кај медицинската сестра во здравствениот центар за да се осигурате дека и вие и вашето бебе ќе останете со добро здравје. Медицинската сестра може да ви даде информации и совети во врска со доењето, здравјето, вакцинирањето, исхраната, родителството, развојот на вашето дете, безбедноста и многу други работи. Ако не зборувате англиски јазик, може да добиете преведувач кога ќе се среќавате со медицинската сестра.

Општината исто така има и други програми што ќе ви помогнат со вашето новороденче. Ако вашето бебе е помладо од шест месеци, можете да отидете на еднодневен состанок што ќе ви помогне да го храните и да го заспивате вашето бебе.

Групи за родители на кои им се родило прво дете

Многу Центри за здравјето на мајките и децата организираат групи за родители што подигаат прво дете. Тие групи им помагаат на семејствата да научат како да се грижат за новороденчето и им пружаат можност да се среќаваат со други семејства што живеат во истото подрачје.

Прошетки со количка

За новите мајки е важно да имаат редовни телесни активности, како што се прошетките, за да останат со добро здравје. Прошетките со количка се бесплатни и забавни и ви помагаат да се среќавате со други мајки со деца. Мајките се среќаваат во Центрите за здравјето на мајките и децата, се шетаат до некое кафуле или некој парк, таму се одмараат и разговараат, а потоа се враќаат назад.

Деца

Групи за играње

Групите за играње им нудат на децата и на нивните семејства забавно и безбедно дружење за мал паричен износ. Групите за играње се организираат во текот на школската година од страна на родители доброволци што живеат во истото подрачје. Тие може да бидат организирани за да ги задоволуваат потребите на некоја специфична култура или за да задоволуваат некој специјален интерес или потреба.

Дневно згрижување во семејство

Дневното згрижување во семејство (Family Day care - FDC) е организирана услуга за згрижување на деца во заедницата и се финансира преку Одделот за образование, вработување и работни односи (Department of Education, Employment and Workplace Relations), а финансиски е потпомогнато од општина Витлси. Дневното згрижување во семејство им овозможува на децата безбедно семејно опкружување и поединечно внимание што е овозможено со малите групи на деца.

Оваа услуга може да ја добијат луѓето што живеат, работат или студираат на територијата на Општината, а се згрижуваат деца до возраст од 12 години. Со оваа услуга може да се добијат следните можности за згрижување:

  • Згрижување со полно или со делумно време
  • Згрижување пред и по наставата во училиште
  • Згрижување во текот на училишните распусти
  • Одмена од негата
  • Згрижување на деца со дополнителни потреби  

За натамошни информации, ве молиме јавете се во Општината.

Згрижување на деца

Ако ви треба некој да се грижи за вашето дете во текот на денот, по наставата во училиштето или во текот на распустите, на располагање ви стојат разни видови на згрижување на деца. Општината може да ви помогне да го најдете најдобриот начин на згрижување за вашето семејство.

Плаќање за згрижувањето на деца

Австралиската влада исплаќа додаток за згрижување на деца (Child Care Benefit) за да им помогне на семејствата да плаќаат за згрижувањето на децата. Колкав паричен износ може да добиете зависи од приходите на семејството, возраста на детето и бројот на часови во кои треба да се згрижи детето. Канцеларијата за помош на семејствата (Family Assistance Office) може да ви каже како да поднесете молба за исплата на додатокот за згрижување на деца.

Забавиште (претшколска установа)

Во забавиште може да одат деца што се на четиригодишна возраст пред годината во која ќе тргнат на училиште. Вашето дете треба да има наполнето 4 години до 30 април за да може да оди во забавиште. Молбите за запишување се примаат од првиот работен ден во март две

години пред да се запише вашето дете.

Поголеми деца и тинејџери

Службата Baseline им дава поддршка на младинците, младинските групи, родителите и другите агенции што работат со младинци.

Младинците може да се вклучат на следните начини: 

  • преку стапување во контакт со нашите Службеници за младински развој (Youth Development Officerѕ) во EDGE
  • преку нашите Youth Krews
  • преку учество во младинска група
  • преку присуствување на приредби и програми за младинци
  • преку приклучување кон нашата група на Facebook или на список за праќање пошта (mailing list) 

Контакт

За повеќе информации за било која служба за младинци, стапете во контакт со:

EDGE Youth Services Shop MM1, Westfield Plenty Valley

415 McDonalds Rd

Mill Park (Карта Melway 183 B11)

Тел.: 9404 8800

Електронска пошта: baseline@whittlesea.vic.gov.au

Место на интернет: www.youthwhittlesea.com

Семејно здравје

Вакцинирање

Вакцинирањето е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на децата и возрасните од одредени опасни болести. Вакцинирањето е добро за сите затоа што се разболуваат помалку луѓе и болеста не се пренесува од човек на човек.

Вакцинирање за бебиња и деца

За бебињата и за децата вакцинирањето е бесплатно. Програмата за вакцинирање почнува кога бебето ќе наполни два месеци и продолжува додека да наполни четири години. Други бесплатни вакцини може да добијат децата на училишна возраст во 7. и во 10. одделение. Општината може да ве извести кога и каде можете да ги вакцинирате вашите деца.

Вакцинирање за возрасни

Возрасните може да се вакцинираат исто како и децата. Возрасните треба да се вакцинираат за да се намали пренесувањето на заразните болести на работните места. Општината може да ја посети вашата работна организација и да ги вакцинира луѓето таму, или пак вие може да отидете да се вакцинирате надвор од вашето работно место.

Игли и шприцови

Многу луѓе користат шприцови и игли. Некои луѓе ги користат од медицински причини. Други ги користат за да примаат дрога.

Треба да внимавате ако најдете игла или шприц, зашто може да содржат течности што можат да ви наштети вам или на вашето семејство. Ако најдете игла или шприц, јавете се во Општината и тие ќе дојдат да ги отстранат на безбеден начин.

Сонце

Сончевите зраци во Австралија може да бидат посилни отколку во други земји ширум светот. Тоа значи дека кожата може да ви изгори ако останете премногу долго на сонце. Општината работи на тоа да ве заштити вас и вашето семејство од изгореници затоа обезбедува засенчени простори на јавните места како што се парковите, детските игралишта и базените. За да го зачувате здравјето, останувајте во сенка и користете средство за заштита од сонцето за да си ја заштитите кожата, особено лете.