Skip to main content

Вашиот дом - Your home

Градење куќа

Ако сакате да градите куќа или да направите измени на куќата во којашто живеете, ви треба дозвола од Општината. Во Општината има службеници што можат да ви помогнат да направите план за градењето и да ви кажат кон кои прописи треба да се придржувате, па затоа јавете им се пред да почнете со градењето.

Општински данок

Кога поседувате куќа, мора секоја година на Општината да и плаќате паричен износ што се вика општински данок (Rates). Парите од општинскиот данок се користат за обезбедување на услуги за заедницата, вклучувајќи собирање на ѓубрето, одржување на улиците и тротоарите, улично осветление, паркови и градини, како и простори за забава и разонода. Општината може да ви каже како да го платите општинскиот данок и да ви даде информации за тоа како се користат парите од данокот.

Проценки

Врз основа на вредноста на вашиот имот се пресметува колкав износ ќе платите на име општински данок. Проценките ги врши Општината на секои две години, така што информациите што ги имаат тие за вашиот имот се тековни и најнови.

Проценителот од Општината ја проценува вредноста на вашиот имот врз основа на големината, состојбата и местоположбата на имотот и врз основа на сите подобрувања што сте ги направиле. Тој исто така ги гледа и сличните имоти што биле во последно време продадени во вашето подрачје, состојбата на пазарот на недвижнини и тековните економски услови.

Преработка на отпадоци и ѓубре

Општината на секое домаќинство му дава канта за ѓубре со зафатнина од 120 литри. Таа канта има темнозелен капак и во неа треба да го ставате целото ѓубре од вашето домаќинство. Во одредениот ден секоја недела треба да ја изнесете кантата и да ја ставите на тревникот пред вашата куќа, и ѓубрето ќе биде собрано и однесено. Општината ќе ви каже во кој ден се собира ѓубрето во вашето подрачје.

Канти за отпадоци за преработка

Општината на секое домаќинство исто така му дава и канта за отпадоци за преработка со зафатнина од 240 литри. Таа канта има жолт капак и во неа треба да се фрлаат само следните материјали: алуминиумски конзерви и фолии, челични конзерви, картонски опаковки од млеко и сокови, пластични шишиња и садови, стаклени шишиња и тегли, весници, телефонски именици, списанија и хартија за пишување, згмечени картонски кутии и картонски кутии од житарки.

Сите отпадоци за преработка мора да ги ставате поединечно во кантата, а не во најлонски ќесиња. Кантите за отпадоци за преработка што содржат погрешни материјали нема да бидат испразнети. Вашата канта за отпадоци за преработка се празни еднаш на две недели на истиот ден како и вашата канта за ѓубре од 120 литри.

Градинарски отпадоци

Гранките, искосената трева и лисјата не треба да ги ставате во кантата за ѓубре ниту во кантата за отпадоци за преработка. Општината може да ги однесе вашите гранки бесплатно ако ги врзете во снопови и ги оставите на тревникот пред куќата. Таа услуга задолжително мора да се закаже, па затоа ве молиме јавете се во Општината за да договорите ден за собирање и ставете ги сноповите гранки на тревникот пред куќата претходната вечер. Искосената трева и лисјата може да ги ставате во кантата за градинарски отпадоци што може да ја побарате од Општината и за која ќе треба да доплатите. Ве молиме јавете се во Општината за да ја порачате вашата канта за градинарски отпадоци.

Проблеми со кантите

Јавете се во Општината ако вашата канта не била прописно испразнета или ако кантата е оштетена или ви ја снемало.

Дополнителни канти

Може да побарате дополнителни канти за ѓубре и за отпадоци за преработка но за нив ќе треба секоја година дополнително да плаќате, освен ако имате посебна причина. Јавете се во Општината за да дознаете колку ќе треба да доплаќате за секоја дополнителна канта.

Купони за фрлање ѓубре и отпадоци за преработка во отпад

Купоните за фрлање ѓубре и отпадоци им служат на жителите што плаќаат општински данок за фрлање само на ѓубре од домаќинството и на градинарски отпадоци. Купоните се отпечатени само на оригиналната тековна сметка за плаќење општински данок. Сметките за плаќање на рати не се прифаќаат. Може да ви биде побарано да доплатите ако не ги почитувате ограничувањата во однос на состојбата и големината на ѓубрето. Ве молиме јавете се во Општината на 9401 0555 за подробности во врска со местополжбата на отпадите за ѓубре и за отпадоци за преработка и за нивното работно време.

Фрлање на големи предмети

Големите предмети за фрлање, како што се делови од мебел, фрижидери, машини за перење и душеци се нарекуваат крупен отпад. Во крупен отпад не спаѓаат теписи, автомобилски делови, градежни материјали, огради или бетон. Општината го собира вашиот крупен отпад двапати годишно. Јавете се во Општината за да договорите ден за собирање и изнесете го вашиот крупен отпад на тревникот пред куќата претходната вечер.

Хемикалии и течности

Хемикалиите и течностите што веќе не ви се потребни не треба да ги фрлите заедно со другото ѓубре од вашето домаќинство. Општината има одредени денови во текот на годината кога можете да ги однесете непотребните хемикалии од домаќинството на места откаде што тие ќе бидат собрани бесплатно а пота ќе бидат фрлени на безбеден начин.

Предмети и видови на хемикалии што може да ги однесете се бои, градинарски хемикалии, масла и моторни течности, горива, акумулатори, средства за чистење и шишиња за гас.

Прописи за вашиот имот

Вашиот куќен број

Општината на секој имот му дава број. Ако поседувате некој имот или ако живеете на него, мора да се погрижите бројот да може лесно да се види од улицата. Тоа е важно затоа што во итен случај полицијата, брзата помош или противпожарната служба ќе можат брзо да ве најдат.

Огради

Кога на вашиот имот чувате животни, мора да се погрижите вашата ограда да ги спречува вашите животни да избегаат на улицата.

Одржување на чистотота на вашиот имот

Мора да го одржувате вашиот имот разумно уреден и да го сведете на најмала можна мера количеството на ѓубре, така што луѓето што живеат околу вас да можат да уживаат во чисто и уредно соседство.

Избегнување на повреди

Вие сте одговорни за сите дрвја, растенија, градби и се друго на вашиот имот што би можело да биде опасно или да повреди луѓе. Исто така мора да се погрижите гранките од дрвјата и од другите растенија да не се надвиснуваат над тротоарот или над улицата, и да не ги затскриваат уличните светилки, сообраќајните знаци или семафорите.