Skip to main content

Закони и казни - Laws and fines

Локални закони

Локалните закони се збир од закони кон кои треба да се придржуваат сите луѓе што живеат или работат во општина Витлси. Тие закони им кажуваат на луѓето што смеат, а што не смеат да прават. Локалните закони се направени за да се зачува мирот во заедницата и за да биде заедницата подобро место за живеење.

Има многу локални закони што може никoгаш нема да ги користите, но некои од нив влијаат на вас секојдневно. Некои од законите што треба да ги знаете се набројани подолу, а може да прочитате и повеќе на информативните страници на ова место на интернет.

Ако не ги почитувате законите, може ќе треба да извршите некои работни задачи што ќе ви ги зададе Општината и што ќе треба да ги завршите во рокот што ќе ви го определи Општината, а исто така може ќе треба да платите парична казна или да одите на суд каде што судијата ќе реши дали ќе ви биде изречена некоја казна.

Парични казни

Парична казна е износ на пари што мора да ги платите како казна за тоа што не сте се придржувале кон законите. Општината може да ви каже како да платите парична казна или што да сторите ако мислите дека не треба да ја платите паричната казна.

Закони што треба да ги знаете

Велосипеди

Кога возите велосипед, секогаш мора да носите заштитен шлем.

Коли и паркирање

Има многу прописи што треба да ги знаете во врска со вашата кола и со тоа каде смеете да ја паркирате. Прочитајте ја информативната страница за Коли и паркирање за да дознаете повеќе.

Фрлање отпадоци/Ѓубре

Не смеете да фрлате догорчиња од цигари, хартија, пластика, конзерви од пијалоци и друго ѓубре наземи, ниту пак да фрлате било што од кола или од друго возило.

Вашето ѓубре мора да го држите во канти или во други садови на вашиот имот. Не смеете да фрлате ѓубре од дома во уличните кошници за отпадоци. Ѓубрето од вашето домаќинство ставајте го во вашата канта за ѓубре што има тркалца.

Не смеете да закачувате рекламен материјал на коли, бандери или на згради, ниту пак да го оставате во поштенски сандачиња на кои стои знак „no junk mail“ („не оставајте несакана пошта“) или „no advertising“ („не оставајте рекламен материјал“).

Ако најдете ѓубре што го оставил некој друг, или ако видите некој како фрла отпадоци, може тоа да го пријавите во Општината.

Колички за пазарување

Многу самопослуги имаат колички за пазарување за да им помогнат на луѓето да ги однесат купените работи до своите коли. Количките за пазарување мора да се вратат во самопослугата штом купените работи ќе ги ставите во вашата кола. Може да бидете парично казнети ако оставите количка за пазарување на улица, тротоар, во парк или на празно земјиште, или ако си ја однесете дома.

Попречување на улици и тротоари

Не смеете да оставате никакви предмети на тротоар, на улица или на земјиште каде што тие може да им го попречат патот на луѓето или да претставуваат опасност за луѓето. Тоа вклучува градежни материјали, алати и опрема, садови, мебел, ознаки, греди, скелиња, стока за продавање и секакви други предмети што може да го попречат тротоарот. Исто така не смеете да дозволите вашата ограда да се надвиснува над тротоарот.

Ако на вашиот имот одгледувате растенија во близина на тротоарот, не смеете да дозволите растенијата да се надвиснуваат на тротоарот зашто пешаците може да се препнат од нив, или пак да си ги повредат очите или да си ги скршат очилата ако се закачат за нив.

Животни

Има прописи во врска со чувањето животни на вашиот имот. Ако чувате кучиња или мачки како миленици, мора да ги регистрирате во Општината секоја година. Прочитајте ја информативната страница за Животни за да дознаете повеќе.

Ако вашето куче силно лае, или премногу често, мора да го дресирате да не лае. Јавете се во Општината за да дознаете каде има клубови за кучиња што можат да ви помогнат да го дресирате вашето куче.

Врева и бучава

Мора да се погрижите да не создавате гласна врева или бучава што ќе им пречи на луѓето што живеат околу вас. Ако треба да користите бучна опрема, тоа треба да го направите само во текот на денот. За проблеми со кучиња што лаат погледнете под „Животни“.

Вашиот дом и земјиште

Има прописи што мора да ги почитувате во врска со тоа како се грижите за вашиот дом, земја и уличниот тревник пред вашата куќа. Прочитајте ја информативната страница за „Вашиот дом“ за да дознаете повеќе.